Последно ажурирање на 29 август, 2014 г.

Резиме

Во овој горен дел се резимираат условите наведени подолу. Ова резиме има за цел да ви помогне да ги разберете условите, но прочитајте го целиот документ, затоа што кога ќе се согласите со документот укажувате дека ги прифаќате сите услови, а не само ова резиме.

  • Услугите Cloud на Firefox („Услугите“) се пакет услуги што ви ги обезбедува Mozilla.
  • Услугите се обезбедени „какви што се“ и нема никакви гаранции. Има значителни ограничувања на одговорноста на Mozilla за какви било штети што би произлегле од вашето користење на Услугите.

Услови за користење

  1. Вовед

    Овие Услови за користење („Услови“) го регулираат вашето користење на услугите cloud на Firefox, пакет од интернет-услуги што ги обезбедува Mozilla („Услугите“).

  2. Сметки за Firefox

    За да ги користите Услугите, ќе треба да креирате сметка за Firefox. Во текот на регистрацијата, ќе ви биде побарано да поставите лозинка. Вие сте одговорни за чување на тајноста на лозинката и за активноста што се случува преку вашата сметка за Firefox. Mozilla не одговара за какви било загуби што произлегуваат од неовластено користење на вашата сметка за Firefox.

  3. Функции

    Firefox Sync ви овозможува да пристапувате од разни уреди до информации зачувани во Firefox, вклучувајќи ги вашите јазичиња, лентата „awesome“, лозинките, обележувачите и претпочитаните опции за прелистувачот. Функцијата Firefox Sync може да ја овозможите и оневозможите преку делот Алатки на Firefox.

    Најди го мојот уред ви овозможува да го лоцирате и од далечина да контролирате одредени функции на уред со Firefox OS, како што се разгледување скорешни локации, бришење локални содржини, вклучување на звукот за ѕвонење или екранот за заклучување или прикажување порака. За да ги користите овие функции, мора да ја овозможите функцијата Најди го мојот уред во поставките на вашиот уред. Најди го мојот уред ќе функционира дури и ако поставките за звук и за локација на вашиот уред се поставени на тивок режим, односно на исклучено. Оваа функција може да ја оневозможите во поставките на вашиот уред.

    Ако го изгубите уредот, може да се најавите на https://find.firefox.com/' користејќи ги податоците за најава на вашата сметка на Firefox за да го лоцирате и да го контролирате вашиот уред од далечина. Ќе добиеме информација за приближната локација на вашиот уред додека уредот е вклучен и поврзан на интернет. Доколку се јават трошоци за преносот на податоци, вие сте одговорни за истите. Ако сметате дека уредот ви бил украден, треба да пријавите во полиција. Внимавајте при споделувањето лични информации, бидејќи пораките што се прикажуваат на изгубениот уред може да ги видат други лица.

  4. Политика на приватност

    Во Изјавата за приватност за услугите Cloud на Firefox се објаснува какви информации добиваме од вашето користење на Услугите и како ги користиме тие информации. Информациите што ги добиваме преку Услугите ги користиме како што е опишано во нашата Политика на приватност на Mozilla.

  5. Вашите Содржини во нашите Услуги

    Дел од функциите на Услугите е и можноста да поставувате содржини. Со самото поставување содржини ни доделувате не-ексклузивна лиценца важечка во целиот свет и без надомест за авторски права, за да ги користиме вашите содржини во врска со обезбедувањето на Услугите. Со ова гарантирате дека вашите содржини нема да ги прекршат правата на која било трета страна и дека ќе бидат во согласност со сите упатства за содржини претставени од Mozilla.

  6. Сопственички права на Mozilla

    Mozilla не ви доделува никакви права на интелектуална сопственост за Услугите, коишто не се конкретно наведени во овие Услови. На пример, овие Услови не ви даваат право да ги користите авторските права на Mozilla, нејзините трговски имиња, трговски марки, услужни марки, логоа, имиња на домени или други препознатливи карактеристики на брендот Mozilla. Услугите се дистрибуираат под и подлежат на тековната верзија на Јавната лиценца на Mozilla.

  7. Услов; Прекинување

    Овие Услови ќе продолжат да важат додека не ги прекинете вие или Mozilla. Може да изберете да ги прекинете во кое било време и поради каква било причина со деактивирање на вашата сметка за Firefox и со прекинување на вашата употреба на Услугите.

    Може да го суспендираме или да го прекинеме вашиот пристап до Услугите во кое било време и поради каква било причина, вклучително, но без ограничување, доколку разумно сметаме дека: (i) сте ги прекршиле овие Услови, (ii) создавате ризик или можна законска одговорност за нас; или (iii) нашето обезбедување на Услугите повеќе не е исплатливо. Ќе направиме разумни напори да ве известиме преку адресата на е-пошта поврзана со вашата сметка за Firefox или следниот пат кога ќе се обидете да пристапите до Услугите.

    Во сите такви случаи, овие Услови ќе престанат да важат, вклучително, но без ограничување и вашата лиценца за користење на Услугите, но ќе продолжат да важат следниве делови: Обесштетување, Одрекување од одговорност; Ограничување на одговорност, Разно.

  8. Обесштетување

    Се согласувате да ги браните, обесштетите и чувате од штета Mozilla, нејзините изведувачи, соработници, даватели на лиценци и партнери, како и нивните директори, претставници, вработени и застапници („Обесштетени страни“) од и против какви било побарувања и трошоци на трети страни, вклучително и адвокатски хонорари, што произлегуваат од или се поврзани со вашата употреба на Услугите (вклучително, но без ограничување, од какви било содржини што сте ги поставиле).

  9. Одрекување од одговорност; Ограничување на одговорност

    УСЛУГИТЕ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ „КАКВИ ШТО СЕ“ СО СИТЕ ГРЕШКИ. MOZILLA И ОБЕСШТЕТЕНИТЕ СТРАНИ НЕМА ДА БИДАТ ОДГОВОРНИ ЗА НИКАКВИ ГАРАНЦИИ, ДИРЕКТНИ ИЛИ ИНДИРЕКТНИ, ВКЛУЧИТЕЛНО ГАРАНЦИИ ДЕКА УСЛУГИТЕ НЕМААТ ДЕФЕКТИ, ГАРАНЦИИ ЗА МОЖНОСТ ЗА ПРОДАЖБА НА ПАЗАР, ЗА СООДВЕТНОСТ ЗА ОДРЕДЕНА НАМЕНА И ЗА НЕПОВРЕДУВАЊЕ НА ПРАВА, ДО СТЕПЕН ДОЗВОЛЕН СО ЗАКОН. ВИЕ ГО ПОДНЕСУВАТЕ ЦЕЛИОТ РИЗИК ЗА ИЗБИРАЊЕ НА УСЛУГИТЕ ЗА ВАШИТЕ ЦЕЛИ И ЗА КВАЛИТЕТОТ И ИЗВЕДБАТА НА УСЛУГИТЕ, ВКЛУЧИТЕЛНО РИЗИКОТ ОД БРИШЕЊЕ ИЛИ ОШТЕТУВАЊЕ НА ВАШИТЕ СОДРЖИНИ ИЛИ РИЗИКОТ ОД ПРИСТАПУВАЊЕ ДО ВАШАТА СМЕТКА НА ДРУГО ЛИЦЕ. ОВА ОГРАНИЧУВАЊЕ ЌЕ ВАЖИ И ДОКОЛКУ НЕ СЕ ОСТВАРИ ОСНОВНАТА ЦЕЛ НА КАКОВ БИЛО ПРАВЕН ЛЕК. НЕКОИ ЈУРИСДИКЦИИ НЕ ДОЗВОЛУВААТ ИСКЛУЧУВАЊЕ ИЛИ ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ИНДИРЕКТНИТЕ ГАРАНЦИИ, ТАКА ШТО ОВА ОДРЕКУВАЊЕ МОЖЕ ДА НЕ ВАЖИ ЗА ВАС.

    ОСВЕН КАКО ШТО Е ПРЕДВИДЕНО СО ЗАКОН, MOZILLA И ОБЕСШТЕТЕНИТЕ СТРАНИ НЕМА ДА БИДАТ ОДГОВОРНИ ЗА НИКАКВИ ИНДИРЕКТНИ, ПОСЕБНИ, СЛУЧАЈНИ, ПОСЛЕДИЧНИ ИЛИ КАЗНЕНИ ШТЕТИ ШТО ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД ИЛИ СЕ НА КАКОВ БИЛО НАЧИН ПОВРЗАНИ СО ОВИЕ УСЛОВИ ИЛИ СО КОРИСТЕЊЕТО ИЛИ НЕМОЖНОСТА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УСЛУГИТЕ, ВКЛУЧИТЕЛНО ДИРЕКТНИ И ИНДИРЕКТНИ ШТЕТИ ЗА ЗАГУБА НА ГУДВИЛ, ЗАСТОЈ НА РАБОТАТА, ЗАГУБА НА ПРОФИТ, ЗАГУБА НА ПОДАТОЦИ И КОМПЈУТЕРСКИ ДЕФЕКТ ИЛИ ГРЕШКА, ДУРИ И АКО БИЛЕ СОВЕТУВАНИ ЗА МОЖНОСТА ЗА ТАКВИ ШТЕТИ И БЕЗ ОГЛЕД НА ТЕОРИЈАТА (ДОГОВОР, ПРЕКРШОК ИЛИ ДРУГО) ВРЗ КОИ СЕ ЗАСНОВА ТАКВОТО ПОБАРУВАЊЕ. КОЛЕКТИВНАТА ОДГОВОРНОСТ НА MOZILLA И ОБЕСШТЕТЕНИТЕ СТРАНИ СОГЛАСНО ОВОЈ ДОГОВОР НЕМА ДА НАДМИНЕ 500 $ (ПЕТСТОТИНИ ДОЛАРИ). НЕКОИ ЈУРИСДИКЦИИ НЕ ДОЗВОЛУВААТ ИСКЛУЧУВАЊЕ ИЛИ ОГРАНИЧУВАЊЕ НА СЛУЧАЈНИТЕ, ПОСЛЕДИЧНИТЕ ИЛИ ПОСЕБНИТЕ ШТЕТИ, ТАКА ШТО ОВА ИСКЛУЧУВАЊЕ И ОГРАНИЧУВАЊЕ МОЖЕ ДА НЕ ВАЖАТ ЗА ВАС.

  10. Измени на овие Услови

    Mozilla може да ги ажурира овие Услови од време на време за да опфати нова функција на Услугите или да објасни некоја одредба. Ажурираните Услови ќе бидат објавени на интернет. Ако станува збор за поголеми промени, ажурирањето ќе го објавиме преку вообичаените канали на Mozilla за такви објави, какви што се блоговите и форумите. Доколку продолжите да ги користите Услугите по датумот на стапување во сила на таквите промени, тоа значи дека ги прифаќате таквите промени. За полесно прегледување, датумот на стапување во сила ќе го поставуваме во горниот дел на оваа страница.

  11. Разно

    Овие Услови го сочинуваат целиот договор меѓу вас и Mozilla во врска со Услугите и за нив важат законите на државата Калифорнија, САД, исклучувајќи ги нејзините одредби за конфликт на закони. Доколку се утврди дека некој дел од овие Услови е неважечки или не може да се спроведе, преостанатите делови ќе останат во сила. Во случај на конфликт меѓу преведена верзија на овие услови и верзијата на англиски јазик, ќе важи верзијата на англиски јазик.

  12. Контактирајте со нас

    Контактирајте со Mozilla на

    Mozilla Corporation Attn: Mozilla – Legal Notices 331 E. Evelyn Ave., Mountain View, CA 94041